Во просториите на Центарот за управување со кризи се одржа иницијалниот работен состанок со кој официјално започна реализацијата на проектот „Интероперабилен систем за управување со инциденти базиран на вештачка интелигенција за прекуграничен одговор при итни состојби“ (НИКС-2 / NICS-2), заведен под референтен број G-10231.

На состанокот присуствуваа директорот на ЦУК, Мухамет Али, националниот директор на проектот, проф. д-р Урим Вејсели, членовите на работната група на проектот НИКС-2 и номинирани претставници и експерти од сите клучни институции од Системот за управување со кризи: Министерство за внатрешни работи (МВР), Итна медицинска помош (ИМП), Министерство за дигитална трансформација (МДТ), Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), Црвен крст на Република Северна Македонија (ЦКРСМ), Министерство за здравство (МЗ), Бригада за противпожарна заштита – Скопје (БППЗ) и Територијална противпожарна единица – Тетово (ТППЕ).

Националниот директор на проектот, проф. д-р Урим Вејсели, во своето воводно обраќање им посака добредојде на присутните претставници и истакна дека овој состанок означува почеток на исклучително значајна, иновативна и оперативна етапа за националниот систем за управување со кризи.

Клучните насоки и пораки изнесени од проф. д-р Урим Вејсели го опфаќаат следното:

  1. Поддршка од НАТО Science for Peace and Security (SPS):

Проектот НИКС-2 официјално започна со потпишувањето на договорот на 23 јуни 2026 година, во рамките на престижната програма на НАТО – Наука за мир и безбедност (NATO Science for Peace and Security – SPS).

  • Технолошка еволуција и вештачка интелигенција (AI):

НИКС-2 претставува директен технолошки напредок чија главна цел е модернизација на постојната платформа за управување со кризи преку интеграција на напредни модули засновани на вештачка интелигенција (AI), со што ќе се овозможи побрзо анализирање на податоците и подобро планирање при прекугранични итни состојби.

  • Развој и интеграција на системот ХИКС (Hospital Incident Command System – HICS):

Како еден од клучните стратешки приоритети во новата фаза, проф. д-р Вејсели ја нагласи насоката на НИКС-2 кон комплетна дигитална интеграција со Хоспиталниот систем за управување со инциденти (ХИКС / HICS). Оваа надградба овозможува директна поврзаност помеѓу теренските екипи за спасување, Итната медицинска помош и здравствените установи (болниците). Преку ХИКС модулот, во реално време ќе се следат капацитетите на болниците, тријажата на повредените од самиот терен и нивниот транспорт, со што драстично се намалува времето на реакција при масовни несреќи и кризи.

  • Меѓународна соработка со Република Украина:

Проектот се реализира во блиска соработка со партнерите од Република Украина – Националниот универзитет за цивилна заштита на Украина, претставуван од ко-директорот на проектот, проф. д-р Станислав Виноградов, чие практично искуство во справување со вонредни состојби има непроценлива вредност за развојот на новиот систем.

  • Улогата на човечкиот фактор и институциите:

Проф. д-р Вејсели потенцираше дека и најнапредниот софтвер нема вредност без луѓето кои управуваат со него на терен, истакнувајќи дека експертизата и посветеноста на номинираните претставници од присутните институции се клучниот столб за успехот на НИКС-2.

Националниот директор на проектот, проф. д-р Урим Вејсели, исто така го потенцираше стратешкото значење на проектот и неговата директна поврзаност со меѓународните вежби организирани од НАТО Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (NATO EADRCC).

Имено, проф. д-р Вејсели ги истакна следните клучни аспекти:

  • Интероперабилност и стандардизација со НАТО EADRCC: Системот NICS претставува основна дигитална платформа за размена на информации во реално време, чија оперативна вредност е повеќекратно потврдена за време на изведувањето на НАТО EADRCC теренските и симулациските вежби. Преку NICS, сите оперативни сили, спасувачки тимови и институции добиваат заедничка оперативна слика (Common Operating Picture – COP).
  • Проектни активности и интеграција во Horizon Europe / XRescue: Проф. д-р Вејсели сподели информации за тековните активности за вклучување на NICS капацитетите во нови меѓународни истражувачки и иновативни иницијативи (како Horizon Europe – XRescue), каде искуствата од вежбите, обуките, евалуацијата и тестирањето на интероперабилноста на системот NICS служат како основа за развој на нови технологии за заштита и спасување.
  • Институционална и синергиска соработка: Потенцирана е важноста од заедничко дејствување помеѓу државните надлежни институции (ЦУК) и стручните невладини/истражувачки организации со цел континуирана обука на тимовите, тестирање на протоколите за итно реагирање и подготовка за идни НАТО и ЕУ вежби.

На крајот, проф. д-р Вејсели се заблагодари за поддршката, присуството и подготвеноста за заеднички да изградиме побезбедна заедница и посака успешна и продуктивна работа!

НАТО СПС НИКС-2 G-10231                                                                                                               

Скопје, 11 септември 2026 година                                                                                                  

Република Северна Македонија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Translate »